МАКЕДОНСКА СОФРА – НОВИОТ РЕСТОРАН НА ВАСЕ УРДИН

Home | Uncategorized | МАКЕДОНСКА СОФРА – НОВИОТ РЕСТОРАН НА ВАСЕ УРДИН

КАФЕАНА ВО МИНАТО СВРШЕНО ВРЕМЕ

Култното собиралиште на интелектуалниот свет од градот го издржа само првиот транзициски бран, но не и понатамошното социјално раслојување. Кафеаната „Париз“ замина во легендите

пишува: Љубомир Костовски

l.kostovski@globusmagazin.com.mk

фото: Андреј Гиновски

Ја затворија кафеаната „Париз“. Веста која се чинеше неверојатна се пренесуваше усно меѓу урбаниот свет кој отсекогаш сакал, покрај во домот, да има своја алтернативна маса и столови и зад стаклената фасада на некој грижлив угостител и по можност уште и со оригинален дух во себе. Утринско кафе, пладневен муабет со пријателите или вечера со најблиските, обично само едното од тоа, а често богами и сите три „менија“ во 24 часа, во таквите места се претвораат во хроника на градот, неразделна од неговите емотивни и атмосферски амплитуди, па дури и во епицентар од каде што необврзувачката атмосфера се трансформираше во клучни бизнис-релации, во политички коалиции или во брачни понуди.

ДРУЖЕЊЕ Местото што го обележи постоењето на Трговскиот центар во Скопје, објект што беше спој на многу елитни трговски функции на доцниот социјализам, ја даде необичната угостителска понуда уште во далечната 1974 година. Нејзиниот сопственик Васе Урдин, повратник од Париз, по кусото искуство со бифето на драмските уметници во МНТ, се пресели во една полуподрумска просторија која претходно одбиле да ја земат неколку приватници, заради неможноста да се реши канализациониот одвод во едно ниво, што е прениско во однос на коритото на блискиот Вардар. Името на кафеаната Урдин го дал заради својата вљубеност во француската метропола, велејќи им на оние кои му забележувале поради „непатриотизмот“ дека кога би отворил кафеана крај Сена, можеби би ја крстил „Скопје“.

Ѕидовите преполни со слики, дрвените басамаци и клупите и долгите дрвени маси беа создадени за поголеми друштва и ги уриваа бариерите меѓу гостите, кои и онака се надеваа дека тука, крај чаша греано вино, можеби ќе се запознаат со некој уметнички бард или ќе добијат свој политички мецена. Ентериерот создаден да добие што е можно повеќе места за седење на еден ограничен простор, речиси инсистираше на некакви општи или заеднички мотиви за дружење, што во кафеаната со програма и беше очекувано однесување кај гостите! Штимунгот некогаш го даваше звукот на гитарата на познатиот Двоцевка, некогаш сите ги слушаа мелодиите на слепиот пијанист Ружди, кого во кафеаната го донесуваше таинствена девојка, а темпераментниот корепетитор од Балетското училиште – Стево најдолго се задржа во ноќната програма на објектот и во еден миг стана најпопуларен ерген во градот.

АКТЕРИ Најдолго во текот на денот во „Париз“ остануваше само доајенот на македонскиот театар – Тодорче Николовски, кого неговата доста помлада сопруга – на свои четириесет и кусур години, ќе го донесеше наутро, пред да замине на работа (беше медицинска сестра во една болница), а пензионерот започнуваше разговор со секој што ќе дојдеше во утринските часови, подготвен да дебатира на секоја тема и со сериозност како да се работи за испитни прашања. Таму ја испиваше својата трета или четврта ракија и околу пладне, дочекувајќи нова тура муштерии. Кај 15 часот сопругата, најмалку двојно помлада од него, ќе го земеше од „дневниот престој“. Николовски не беше секогаш пријатен со својот нескротлив темперамент, но беше потолерантен, да речеме од вториот најредовен муштерија на Васе – актерот Драги Костовски, кој ќе го фатеше своето столче некаде околу пладне и го даваше тонот на сите дискусии – дали за најновото издание на „Нова Македонија“, дали за неснимениот филм или за некоја награда која, разбирливо, не беше заслужена штом не му се дала нему… Поредовните гости ја следеа, како во некакво реално шоу болеста кај Драги, која полека ги земаше соковите од неговото тело, а дефинитивно и доброто расположение, кога тој пред крајот на животот со поглед ги испраќаше минувачите во Трговскиот, „осудени да живеат“.

– Јас никогаш не сакав да продавам алхохол, туку да продавам дух. Затоа имаше толку многу слики на ѕидовите, имаше постојано музика, а одвреме-навреме имаше и читање поезија, вели денес Васе Урдин, не без тага по сознанието дека го нема неговиот „Париз“. Тој го продаде објектот во 1990 година, по над 16 години управување со овој објект, кој стана легенда. За чудо новиот сопственик Столе Филиповски, повратник од Италија, кој објектот го зеде токму кога Скопје влезе во ерата на транзицијата, лесно ги преживеа со локалот и покрај драстичните социолошки промени. Зошто? Веројатно заради фактот што дел од неговите муштерии едноставно и самите навреме и успешно транзитираа во пионери на новата доба, мисловно, деловно, а најчесто и со својата финансиска позиција, носејќи нови гости кои претходно ги немаше, но кои ги исфрли бранот на промените. Тоа дури создаде навика и кај многумина познати фаци од провинцијата, кои доаѓаа во кафеаната да си ја одмерат позицијата – некој невидлив транзициски „Свети Петар“ ги вадеше теговите и ги одмеруваше неговите кафеански манири – тука да ги закажуваат своите идни скопски пробиви.

НАЈДОБАР Филиповски, за кого Урдин признава дека е најдобриот угостител во моментов во земјава, успеа во нешто што нему никако не му одеше од рака во конфликтот со администрацијата на Трговскиот – да добие проширување, летна тераса која битно го надгради парискиот дух. Во саботните претпладниња за редовните муштерии, газда Столе воведе и бесплатно мезе, а за некои празници дури и можеше да се сече бесплатно од џиновските мортадели, донесени од Италија или некои од познатите марки странски кашкавали. Нормално, не беше се’ исто како порано – музиката се пушташе од систем, и неа, вообичаено, никој и не ја слушаше; масите се сепарираа по темите на разговорот и заради потребата од интимизација, а ниту големиот плазма телевизор не ги привлекуваше муштериите навечер, да погледнат некој натпревар од кафеанската маса.

– Објектот имаше над 10 реновирања со цел да се освежи, да се направи одново привлечен за нови муштерии, бидејќи многу од старите си наоѓаа нови локали или едноставно животот ни ги земаше – вели Стефанија Аритова, ќерка на газда Столе. По 2004 година влегувавме во загуба со работењето и тоа не можеше долго да се толерира, независно од фактот дека кафеаната е едноставно неодминлив дел од Трговскиот, а секако и од градот.

Нејзиниот сопруг Тони вели дека „Париз“ престана да биде кафеана која ќе пулсира секојдневно, бидејќи по 16 или 17 часот во обичните денови гостите ги нема. „Не само во ’Париз‘, туку и во Трговскиот рано се затвораат продавниците, а ноќниот живот започнува подоцна, со други генерации и на други места. Локалот едноставно не го прежива вториот бран на транзицијата, придружен со т.н. европско работно време, строгите прописи со пушењето и воопшто времето во кое толеранцијата од кој било вид е заменета со бесконечната трка по пари.

ГЕНЕРАЦИЈА Факт е дека овој локал го држеа како консументи луѓе кои денес имаат меѓу 50 и 60 години и кои од разни причини му завртеа грб. Најпрвин, од него се одделија немажените дами, кои во друштва доаѓаа тука во осумдесеттите и раните деведесетти за да бидат во друштво со ергените од својата генерација. Потоа таа „програма“ се префрли во кафената „Џубокс“, иако сознанијата говорат дека ниту таму малку кој најде касмет. Некои од муштериите што станаа успешни политичари во меѓувреме ги бараа своите спонзоруши, во која било смисла, по улицата „Македонија“, каде што се отворија многу кафулиња кои имаат партиски предзнак. Најуспешните од муштериите отидоа по стапките на газда Столе во неговата нова успешна приказна – во „Воденица“ во Капиштец, каде, како што се вели, „се плаќа со писмо“. Последни Мохиканци останаа фотографот Марин Димески со телевизискиот уредник и автор Љубе Цветановски. До нив обично ќе се сретне друштвото на музичките енциклопедисти во градот – Васја, Агим , Бомбол… Оние кои навистина последни ја изгаснаа свеќата во локалот е друштвото составено главно од новинари – Љупчо Јолевски, Љубомир Грбески, мојата маленкост, припадниците на ликовниот еснаф – Бранко Мирчевски и Златко Глигоров, менаџери како Милчо Ќупев, синдикалисти како Невенко Калеов. Тие ќе го бараат од утре својот нов алтернативен дом, откако времето на необично динамични и сурови промени им го зеде оној во кој беа цели 35 години.

Ќе воскресне ли „Париз“ како „Софра“?

Доказ дека постои Јунговиот синхроницитет зборува фактот дека првиот газда на „Париз“, Васе Урдин, ќе се обиде да го обнови имиџот на овој локал на друго место, кај скопска Рампа. Без да знае за одлуката на Столе Филиповски за ставање клуч на славниот локал во Трговскиот, газда Урдин на спомнатото место започна со работа на новиот објект „Македонска софра“. Го посетивме во средата, на 28 јануари. Претходно тој доста вложил во новиот објект, во кој се наоѓа и пијаното од „Париз“, потоа дел од оригиналната дрвенаријата и многуте слики и книги кои стојат на ѕидовите или на рафтовите од славното минато на култната кафеана, а уметничките предмети ги има дури и во тоалетите! „Гостите не ги оставам сами ниту во најинтимното катче“ – вели Урдин, горд на колекцијата на својот брат Киро, но и на други современи македонски сликари. Вели дека ќе се обиде да создаде ново катче со уметнички дух во непосредна близина на строгиот центар и ги кани сите кои го сакале „Париз“ да се уверат во тоа во следните денови, посетувајќи ја „Софра“.

Секако, станува збор за објект кој има разлики во намената – „Париз“ или во поново време „Рим Париз“ беше кафе-бар, а „Софра“, како што кажува името, ќе биде главно ресторански објект, во кој треба подолго да се задржите.

Кафеаната „Париз“ го згасна својот живот во саботата, на 24 јануари на полноќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *